14/12/2020 0 Comments Паметна инвалидска количка – иновација која би им помогнала на илјадници лица со попреченост
Во рамките на младинскиот предизвик „Generation Unlimited“, организиран од УНИЦЕФ, тимот From Zero to Hero, составен од студенти на факултетот ФИНКИ и средношколци, создаде прототип на паметна инвалидска количка која би им дала услови за послободен живот на лицата со попречености. Како што можеме да прочитаме на официјалниот веб-сајт на „Generation Unlimited“, целта на овој предизвик е да се поттикнат младите иноватори да размислуваат и создаваат одржливи идеи и продукти кои би им помогнале на лицата со попреченост во нивниот секојдневен живот.
Членовите на тимот From Zero to Hero, Давид Лазароски, Мартин Динев и Благојче Павлески, инспирирани од нивната другарка Вероника, која има физичка попреченост поради која е во инвалидска количка развија иновација која би и помогнала нејзе и многу други лица во инвалидска количка.
Количката работи на начин што се поставуваат очила на корисникот на количката, во кои има вградено камери кои го следат движењето на рожницата во окото на корисникот. На овој начин, количката се движи со помош на погледот на лицето во неа. Количката, исто така има вграден мониторинг за здравјето на корисникот со вграден чип. Таа ја следи физичката и емоционалната состојба на корисникот, водејќи статистики за неговите здравствени карактеристики како температура, пулс и ЕКГ. Овие податоци се достапни до родителите и лекарите на лицето преку апликација и можат да ги следат во реално време.
За интервју со весникот Иновативност, членот од тимот From Zero to Hero, Давид Лазароски вели дека иако проектот сеуште се развива, тимот веќе добива нарачки за овој систем. Тимот најпрвин креирал модел на инвалидска количка кој се тестирал, во втората фаза моделот се усовршувал, а во третата фаза бил креиран прототип на паметна инвалидска количка која се придвижува со поглед. (Извор)
“Нашата визијата е системот да се усоврши до ниво да може да се примени и врз контрола на роботски нозе кои имаат задача да ја заменат инвалидската количка во иднина“, вели Лазароски.
Тој вели дека иако вакви системи веќе постојат во светски рамки, карактеристично за нивниот систем е тоа што ќе може да се вградува на веќе постоечки инвалидски колички по поволни и достапни цени.
За проектот, тој вели дека работењето со лице со попреченост било одлична можност да се стават во чевелот на другиот и да научат многу повеќе за разбирање на нивните секојдневни проблеми. Автор: М. Поповска (9-1) Фото : интернет
0 Comments
Leave a Reply. |